Информации за (странски) работници во Хрватска – Како да ги заштитите вашите права од работен однос?
Сите лица вработени во Хрватска имаат исти права од работен однос, вклучувајќи ги и работниците од други земји. Сè повеќе странски работници, пред се државјани на трети земји, се обраќаат до нас со поплаки за прекршување на нивните права од работен однос.
Најчесто наведуваат дека работеле без работна дозвола, без склучен договор за работа, дека работодавецот не им ја исплатил договорената плата, понекогаш ниту минималната плата или прекувремената работа. Се жалат дека им е ускратено правото на пауза, како и правото на неделен и годишен одмор. Некои се жалат дека работодавачот не им исплатил надоместок за неискористен годишен одмор по престанок на нивниот работен однос. Воедно, се жалат дека нивниот работодавец не им доставил пресметка за плата, а некои истакнуваат дека доживеале една или повеќе повреди на работното место кои работодавачот не ги пријавил во Хрватскиот завод за здравствено осигурување. Има и работници кои ни се обраќаа укажувајќи на злоставување на работното место.
Овие поплаки покажуваат и дека странските работници често немаат информации на кого може да се обратат за да ги заштитат своите права. Затоа, во продолжение на овој текст даваме преглед на најчестите проблеми и општи правни информации кои ги даваме на странските работници, вклучувајќи ги контактите на надлежните институции.
Овие информации се однесуваат за сите лица кои се вработени во Хрватска, без разлика на државјанство, а во овој текст ги нагласуваме странските работници, државјани на трети земји, поради неколку причини: пораст на бројот на странски работници во Хрватска, зголемување на бројот на поплаки кои ги добиваме од странски работници, недостаток на информации во однос на нивните права од работен однос и недоволната достапност на конкретни информации во јавниот домен.
Проблеми:
- Непријавена работа (работа без работна дозвола, работа без договор за вработување, работа без пријава во органите за пензиско и здравствено осигурување)
- Работа без паузи, дневен или неделен одмор
- Незаконска и неплатена прекувремена работа
- Неисплата на плати
- Неплаќање на надоместок за неискористен годишен одмор по престанок на работниот однос
- Недоставување на пресметка на плати кои им се должат, а не се исплатени и/или надоместок за неискористен годишен одмор
Што да се направи? Овие проблеми потребно е да се пријават кај Државниот инспекторат на Република Хрватска.
Како да се пријави? Користете го формуларот на веб-страницата на Државниот инспекторат. Формуларот е достапен овде.
Повеќе информации за начинот на поднесување на пријава можете да добиете кај дежурниот инспектор за труд во Загреб, Сплит, Риека, Осиек или Вараждин. Нивните информации за контакт и работното време можете да ги најдете овде: https://dirh.gov.hr/kontakti/podrucni-uredi-dezurne-inspekcije/131
Што треба да напишете во пријавата:
- Вашето име и презиме
- Адреса на живеење
- Државјанство (ако сте странски работник)
- Податоци за работодавачот (име и адреса на седиштето на компанијата или име и презиме на работодавачот/физичко лице или сопственик на фирмата)
- Сите релевантни факти и околности за време на вашето вработување кај работодавачот
- Доколку е можно, приложете договор за вработување (ако имате).
Дали Државниот инспекторат го чува идентитетот на лицата кои поднесуваат пријава? Според Законот за Државен инспекторат, инспекторите имаат обврска за чување на идентитетот на подносителите на претставката (пријавата), „освен ако заради природата на работата тоа не е возможно или е така пропишано со посебен закон“. Пријавата може да се поднесе и анонимно.
Дали ќе бидете информирани што направил Државниот инспекторат во врска со вашата пријава? Доколку сакате да добиете известување за тоа што утврдил Државниот инспекторат и какви мерки презел против работодавачот, во пријавата треба да се наведе име и презиме на работникот, адреса на живеење во Хрватска или во странство (доколку странскиот работник заминал од Хрватска).
Дали само работникот може да го пријави работодавачот? Не, пријава може да поднесе и лице кое не вработено кај работодавачот, но се сомнева дека постапувањето према вработените не е во согласност со законот.
Проблем: Се сомневате дека вашиот работодавец ве одјавил (од пензиско и здравствено осигурување) без ваше знаење
Што да се направи? За да проверите дали вашиот работодавец ве одјавил без да ве извести или да ви достави примерок на одјавата, можете да се јавите во најблиската канцеларија на Хрватскиот завод за пензиско осигурување (HZZO).
Како можете да ги контактирате?
- Со пополнување на онлајн формуларот, достапен овде.
- По телефон или со лично доаѓање – бројот, односно адресата можете да ги најдете овде, со пребарување по градови (наведено е и работното време за градот што го барате).
Што доколку работодавачот навистина ве одјавил без ваше знаење? Можете да го пријавите во Државниот инспекторат (на ист начин како што е опишано погоре).
Проблем: Неисплаќање на плати
Што да се направи? Платата која сте требале да ја добиете, меѓутоа не сте ја добиле, можете да ја побарате преку Финансиската агенција (ФИНА) доколку имате пресметка на доспеана, односно плата која ви се должи. Вашиот работодавец има обврска оваа пресметка да ви ја достави.
Пресметката потоа може да ја пратите до ФИНА за да го реши проблемот без да поминете низ судска постапка. Тоа е можно бидејќи според чл. 93, ст. 5 од ЗРО, пресметката на доспеана или плата која ви се должи е извршна исправа.
Дополнително, можете да го пријавите вашиот работодавец во Државниот инспекторат (на ист начин како што е опишано погоре).
Што доколку работодавачот не дава пресметка на плата која ја должи или не ја исплати ни после инспекција? Во тој случај, можете да покренете судска постапка, за која најверојатно ќе ви треба правна помош од адвокат или синдикат (ако сте член). Информации за тоа кој има право на бесплатна правна помош и како да ја добие може да најдете овде.
До кој период може да се бара неисплатената плата? Тоа можете да го направите во рок од пет години, почнувајќи од денот кога вашиот работодавец бил должен да ги исплати платите.
Повеќе информации во однос на неисплатени плати може да најдете овде
( https://www.ombudsman.hr/hr/sto-uciniti-kad-poslodavac-ne-isplacuje-placu/)
Проблем: Исплата на плата или дел од платата „на рака“, наместо на банкарска сметка на работникот.
Што да се направи? Овој начин на исплата на плата е незаконски и можете да го пријавите вашиот работодавец во Даночната управа на Министерството за финансии.
Како да пријавите? Можете да го пријавите:
- По пошта на една од адресите на оваа страница, во зависност од градот каде се работи или најблискиот град.
- Користење на формуларот достапен овде
- Со јавување на бесплатниот број 0800 1001 (од понеделник до петок од 8 до 15 часот).
Дали даночната управа ќе ве информира дали и како постапила по вашата пријава? Не, даночните инспектори не се должни да ве известат бидејќи според законот се обврзани со даночна тајна во врска со даночните контроли (во согласност со Општиот даночен закон, чл. 8).
Проблем: Повреда на работното место која работодавачот не ја пријавил во Хрватскиот завод за здравствено осигурување (ХЗЗО)
Што да се направи? Во случаи кога работникот претрпел повреда на работно место, работодавачот во рок од 8 дена од денот на настанувањето на повредата може пријави до надлежниот орган, односно Хрватскиот завод за здравствено осигурување (ХЗЗО).
Работник, вклучително и странски работник, може сам да пријави, но најдоцна во рок од три години од истекот на рокот во кој работодавачот требало тоа да го стори. Доколку сметате дека е потребно, пред самите да ја пријавите повредата на работно место, можете да добиете повеќе информации од најблиската канцеларија на ХЗЗО/HZZO или овде(https://hzzo.hr/ozljede-na-radu-i-profesionalne-bolesti-specificna-zdravstvena-zastita/1-ozljeda-na-radu).
Проблем: вознемирување на работното место (мобинг)
Како да се препознае вознемирување (мобинг)? Иако не постои законска дефиниција за вознемирување на работно место (мобинг), вообичаено се подразбира секој облик на насилство на работното место кое се карактеризира со психичко или морално злоставување.
Ова може да вклучува различни форми на избегнување, изолација и спречување на одржување социјални контакти на работа, напади на углед или негативни коментари за личните карактеристики на жртвата.
Како пример се постојаните критики и приговори за работата, навреди или игнорирање, прекумерна контрола, префрлање на одговорностите, казнување, ниски оцени за работењето, неможност за напредување, одбивање или доделување несоодветни и/или забранети работни задачи, неоправдано преместување на други работни места и слични дејствија, со што се загрозува здравјето на работникот или се повредуваат неговите права.
На кого да се пријави? Прв чекор е обраќање до работодавачот, поточно до лицето кое е овластено за примање и решавање на поплаки за заштита на достоинството на работниците. Ако работодавачот не обезбеди соодветна заштита или не преземе мерки за да спречи вознемирувањето на работното место или ако тие мерки се несоодветни, можете да побарате дополнителна заштита на вашето достоинство во судска постапка. За ова најверојатно ќе ви треба правна помош од адвокат или синдикатот (ако сте член). Информации за бесплатна правна помош можете да најдете овде. Во овие судски постапки, можете да барате и надоместок за нематеријална штета поради повреда на правата на личноста предизвикани од вознемирување на работното место.
Исто така, без разлика дали вашиот работен однос е во тек или во меѓувреме завршил, може да поднесете кривична пријава до најблиската полициска станица против лицето кое се однесувало или се однесува на таков начин кон вас. Навредите, понижувањето и злоставувањето со кое се наштетува нечие здравје или ги навредува правата од работен однос може да претставуваат кривично дело „злоставување на работа“ според член 133 од Кривичниот закон на Република Хрватска. Во зависност од околностите на секој поединечен случај, ќе се утврдува дали се исполнети елементите на ова кривично дело.
Конечно, можете да го контактирате и Здружението за помош и едукација на жртви на мобинг во Загреб, Домобранска 4 (email: udruga.mobing@zg.t-com.hr; телефон: 01/3907 301). Во здружението, можете да добиете повеќе информации за можностите кои им се на располагање на жртвите на вознемирување на работното место, како во правна смисла, така и во однос на потенцијална психолошка поддршка.
Проблем: Дискриминација
Како да се препознае дискриминација? Дискриминација може да се случи ако вашиот работодавец или колеги на работното место, или некој друг надвор од работното место, ве стави во понеповолна положба во споредба со другите вработени поради вашето: расно или етничко потекло, боја на кожа, религија, јазик, национално или социјално потекло, членство во синдикат, имотен статус, образование, политичко или друго уверување, општествен статус, возраст, здравствена состојба или генетско наследство, инвалидност, родов идентитет и изразување, сексуална ориентација, пол и брачен или семеен статус.
Овие карактеристики се нарекуваат основи на дискриминација и се регулирани во Законот за спречување дискриминација.
На кого да се пријави дискриминација? Зависи од тоа што е основа на дискриминација која довела до неповолна положба.
Може да испратите претставка до Народниот правобранител доколку дискриминацијата се заснова на повеќето од горенаведените основи. Кога станува збор за дискриминација по основ на инвалидност, пол, родов идентитет и изразување, сексуална ориентација, брачен или семеен статус, можете да испратите претставка до некој од специјализираните Народни правобранители (како што е објаснето подолу).
Можете да ни испратите претставка:
- по пошта (Savska cesta 41/3, 10 000 Zagreb)
- преку е-пошта на info@ombudsman.hr
- користење на формулар што може да се отвори во формати PDF и Word
- лично (со претходна најава и закажување) во нашите канцеларии во Загреб, Риека, Осијек или Сплит – побарајте термин преку info@ombudsman.hr или на телефон 01 4851 855 (Загреб), 051 563 786 (Риека), 031 628 054 (Осиек), или 021 682 981 (Сплит).
Во претставката треба да се наведе:
- име и презиме на подносителот на претставката и/или на лицето чии права се повредени
- адреса на живеење или адреса за добивање одговор
- околности и факти на кои се заснова претставката (вклучувајќи и релевантна документација ако е можно)
- информации за тоа кој дискриминира
- информации за тоа дали се користени правни лекови и кога се поднесени
- потпис на подносителот на претставката или потпишана согласност од лицето во чие име се поднесува
Ако се работи за дискриминација по основ на инвалидност, можете да испратите претставка до Народниот правобранител за лица со инвалидност, користејќи ги упатствата на оваа страница.
Ако се работи за дискриминација по основ на пол, родов идентитет и изразување, сексуална ориентација, брачен или семеен статус, можете да испратите претставка до Народниот правобранител за родова еднаквост, користејќи ги контактите на оваа страница.
Во било кој од овие случаи, можете исто така:
- да проверите дали остварувате право за бесплатна правна помош
- да се консултирате со адвокат по ваш избор
- да се обратите до суд.
Препораки на Народниот правобранител насочени кон зајакнување на правата на работниците (од Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2022 година):
- До Канцеларијата за човекови права и права на националните малцинства, преку својата интернет страница како и преку брошури, летоци и слични средства, да ги информира странските работници за нивните права во различни системи за заштита на правата,
- До Државниот инспекторат, да врши засилен надзор врз законитоста на вработувањето и работниот однос, како и условите во кои работат државјани на трети земји.
Novosti
- Povodom Međunarodnog dana ljudskih prava – kako podršku „s papira“ pretvoriti u stvarnu promjenu za građane
- Tko su branitelji ljudskih prava i zašto su važni
- 40 godina UN Konvencije protiv mučenja i drugih okrutnih, neljudskih i ponižavajućih postupaka ili kažnjavanja
- Koju pomoć mogu ostvariti najsiromašniji građani
- Koliko zaposlenih u školama neće ove godine dobiti božićnicu?
- Javno razotkrivanje – što je, kada se koristi i kako pomaže u borbi protiv korupcije